Никогаш не одев по полесниот пат, но трагите беа подлабоки

Зафир Хаџиманов, мултиталентираниот Македонец што нè задолжи со незаборавни евергрини, филмски и театарски улоги, првиот македонски мјузикл и многу напишани книги, поголемиот дел од животот го мина во Белград, никогаш не заборавајќи ја својата татковина, која целиот живот ја промовира низ светот.

Неодамна „Кроација рекордс” го реиздаде неговиот албум „Зафир пее, Македонија пее” од 1986 година, пресек на најдоброто од македонската поезија и музика. На албумот има десетина шансони и балади напишани на стиховите на големите македонски поети: Константин Миладинов, Кочо Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Радован Павловски…, како и безвременските песни „Зајди, зајди јасно сонце” и „Од љубов не се бега”.
Албумот „Зафир пее, Македонија пее” е редок креативен изблик. Дали ве израдува веста дека речиси по 35 години ќе биде реиздаден?
– Овој албум е нешто највредно што сум го изнедрил. Секој стих, од првата до последната шансона на ова цеде е вистински бисер, а мојата музика и пеење само го облагородуваат и милуваат. Славе Димитров со своите аранжмани ги опточи со злато овие бисер-песни, на што сум му многу благодарен, како и на издавачот за обновената доверба кон мојот сон. Албумот своевремено е реализиран во соработка со музичката продукција на МРТ. Тука може да се слушне и трубата на Благој Чешларов, Милка Герасимова е тон-мајстор, а уредник на изданието е познатиот композитор, аниматор и промотер Вилибалд Чаклец. Се надевам дека конечно во Македонија овој албум и едукативен проект ќе заживее, бидејќи сметам дека секоја куќа би требало да го има, како книгите на Кочо Рацин и на Блаже Конески.

 

Останати вести