Заштитете се од COVID-19 и инфлуенца (грип) оваа зима

Зимата често носи повеќе инфекции од респираторни вируси. Оваа зима, заштитете се така што ќе бидете во тек со вакцинацијата против COVID-19 и со примање на вакцина против грип.

Зошто се важни вакцините против COVID-19 и грип?

Постуденото време кое доаѓа со зимата може да придонесе полесно да се заразите со респираторни вируси, како што се COVID-19 и грип.

Ако бидете во тек со вашата вакцинација против COVID-19, ќе ја зголемите вашата заштита од COVID-19 подолго време. Вакцината против грип е најдобриот начин да се заштитите од него и да не го пренесете на други.

Безбедно е истовремено да ги примите вашата вакцина против COVID-19 и вакцината против грип.

Што е зимска доза на вакцина против COVID-19 и кој треба да ја прими? 

Зимска доза на вакцина против COVID-19 се препорачува за некои луѓе во Австралија кои се изложени на поголем ризик сериозно да се разболат од COVID-19.

Треба да примите зимска доза на вакцина против COVID-19 ако:

•       сте на возраст од 65 години или постари

•       сте станар во установа за нега на постари лица или лица со попреченост

•       сте на возраст од 16 години и постари ако имате сериозно нарушен имунитет

•       сте Абориџинец или од островите во Теснецот Торес и сте на возраст од 50 години и постари.

Зимската доза можете да ја примите ако поминале најмалку 4 месеци откако сте ја примиле вашата прва бустер доза.

Ако не сте изложени на зголемен ризик сериозно да се разболите од COVID-19, вашиот примарен курс од 2 дози и бустер дозата ви даваат одлична заштита од COVID-19.

Што ако веќе сум имал/а COVID-19?

Ако сте имале позитивен резултат на тест за COVID-19, се препорачува да чекате 3 месеци пред да ја примите вашата следна доза на вакцина против  COVID-19.

Што се советува за бремени жени?

Инфекцијата со COVID-19 и грип може да биде опасна за бремени жени и за нивните неродени бебиња.

Примањето на вакцини против грип и COVID-19 за време на бременоста е најдобриот начин да се заштитат новороденчињата и бремените жени од грип, COVID-19 и други компликации кои можат да им наштетат.

Вакцината против грип е бесплатна за:

•       Деца на возраст од 6 месеци до 5 години

•       Бремени жени во било кој стадиум од бременоста

•       Лица на возраст од 65 години и постари

•       Лица на возраст од 6 месеци и постари кои имаат некои медицински состојби што значи дека се изложени на поголем ризик да се разболат од тешка болест

•       Абориџини и лица по потекло од  островите во Теснецот Торес на возраст од 6 месеци и постари.

Како да останете безбедни оваа зима

Можете да помогнете во спречување на ширењето на вирусите оваа зима ако редовно ги миете рацете и ја покривате вашата уста кога кашлате и кивате. Исто така, може да изберете да носите маска кога не можете да одржувате физичко растојание од другите.

Можете исто така да помогнете да се спречи ширењето на вирусите оваа зима ако останете дома кога сте болни.

Закажете термин сега

Закажете термин денес за вакцинација со бустер доза против COVID-19 или за вакцинација против грип кај вашиот доктор или во аптеки кои учествуваат во програмата за вакцинација.

За повеќе информации, одете на health.gov.au или јавете се на Националната дежурна линија за коронавирус на 1800 020 080. Изберете ја опцијата 8 за бесплатно преведување.

Овластено од Aвстралиската влада, Канбера.

Останати вести